Сертификатот за вакцинација е за лицата кои сакаат да имаат потврда и да покаже дека е вакциниран и веројатно да не мора да прави тест, а со тоа да се намали бирократијата при патувањата, рече портпаролот на грчката Влада Христос Тарандилис на денешниот редовен брифинг со новинарите, во однос на предлогот на Грција, ЕУ да воведе сертификат за вакцинација, јави дописничката на МИА од Атина.

Тарандилис објасни дека за нив, бидејќи Грција е туристичка земја, важно е процедурите и бирократијата да се колку е можно помали и „токму во оваа насока е идејата за сертификатот за вакцинација“.

Не станува збор за passport, за пасош. Го кажувам ова, бидејќи се споменуваше дека ова ќе се наметне за движење од една земја во друга. Не, нема да се наметнува. Она што го предложивме ние е кодификација на таков начин за цела Европа за кога некој патува од една земја во друга, наместо да му бараат да прави ковид тест, да го покажува сертификатот и да може лесно и со помалку бирократија да се движи од една земја во друга – објасни Тарандилис.

За конкретниот предлог на грчката Влада станало збор и на состанокот на лидерите на земјите од „Covid-19 Management Group“, односно премиерите на Грција, Данска, Норвешка, Чешка, Австралија, Израел и канцеларот на Австрија.

Како што соопштија од кабинетот на грчкиот премиер, Мицотакис повторил дека целта на конкретниот предлог не е да ги подели Европејците, туку да се стандардизира на европско ниво сертификатот за вакцинација, бидејќи „ на еден или друг начин, на оние кои ќе патуваат, ќе им се бара некаква потврда, без разлика дали станува збор за сертификат или негативен тест за коронавирус “.

Дополнително, истакнал дека целта на предлогот е да се олеснат слободното движење и патувањата и додал дека патувањето од Израел на пролет може да бидат „пилот“ за таков предлог, бидејќи Израел дотогаш ќе има вакцинирано голем дел од населението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.