Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска го потпиша указот за распуштање на Собранието на Косово, меѓутоа не го соопшти датумот на одржување на вонредните избори во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тачи информацијата ја објави преку својата страница на Фејсбук, од каде што, покрај факсимил на указот, порача дека наредните избори ќе претставуваат „дополнителен тест за јакнењето на демократијата во Косово“ и изрази уверување дека тој тест „институциите, политичките субјекти и граѓаните ќе го поминат со голем успех“.

Косовскиот претседател најави дека многу бргу, откако ќе се консултира со политичките субјекти, ќе го објави датумот на изборите.

Денеска потпишав декрет за распуштање на шестиот состав на Собранието на Република Косово. По консултациите со политичките партии, согласно моите уставни надлежности, набргу ќе одлучам за датумот на општите предвремени избори, напиша Тачи.

Откако на 19 јули годинава премиерот Рамуш Харадинај поднесе оставка на функцијата, пратениците во косовското Собрание минатиот четврток, на 22 август, со двотретинско мнозинство ја изгласаа одлуката за самораспуштање на законодавниот дом.

Согласно косовските закони, по распуштањето на Собранието, изборите треба да се одржат во рок од 30 до 45 дена, а датум кој најчесто се споменува од партиите и медиумите е 6 октомври.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.