Претседателот на Косово, Хашим Тачи, зборувајќи за конечниот договор со Белград, рече дека е потребно „креативно решение“ кое ќе гарантира дека ќе бидат исполнети интересите на двете страни, како и на САД, НАТО и ЕУ.

Тачи смета дека е логично Прешево, Медвеѓа и Бујановац да се приклучат на „територијата на Република Косово“, но да не се загрозат „косовските државни ресурси како Газивода, Северна Митровица, Трепча или други имоти“.

– И секако, на крајот не може да има признавање помеѓу две држави без јасно дефинирана меѓудржавна граница помеѓу Косово и Србија, вели Тачи во интервју за Гласот на Америка на албански јазик.

Тој додаде дека приштинските институции во целост ќе го почитуваат секој совет од САД.

– Јас сум оптимист дека Косово нема да го преземе товарот на одговорност за блокираниот преговарачки процес, рече Тачи.

На прашањето кои се црвените линии за Косово, тој одговори дека не може да дојде до дијалог „во кој нема уверување од Србија за признавање и отворање на патот за членство на Косово во ОН“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.