Светиот оган што секоја година, со специјален лет од Ерусалим пристигнува на Велика Сабота во Атина, а потоа „патува“ во сите делови на Грција, и покрај ограничувањата и превентивните мерки за коронавирусот, сепак регуларно ќе биде пренесен кај јужниот сосед, но со скромна церемонија.

Заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Константинос Власис се сретна со Егзархот на Светиот гроб во Грција, Архимандритот Дамианос за да разговараат за процесот на пренесување и прием на Светиот оган.

Оваа година може процесот да е поскромен, но тоа не значи дека Светиот оган нема да ги осветли срцата на сите Грци. Оваа година може да не го славиме Велигден како што би сакале, но мораме, над сè да го ставиме здравјето на сите нас, за да можеме, следната година, сите заедно да ги славиме овие денови, напиша заменикот МНР на Грција на неговиот официјален „Фејсбук“ профил.

Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас во интервју за државната телевизија „ЕРТ“ рече дека пристигнувањето на огнот е сложен процес за кој се во контакт со Црквата и властите во Израел.

Тоа е сложена процедура, не само пренесувањето на Светиот оган во Грција, туку во главно пренесувањето на целата територија и задржување на потребната безбедност за да го заштитиме јавното здравје. Работиме на ова и набргу ќе можеме да соопштиме што точно ќе направиме, рече Пецас.

За церемонијата на пренесување и пречек на Светиот оган задолжено е Министерството за надворешни работи на Грција. Секоја година, Егзархот на Светиот гроб во Атина го прима огнот и со специјален лет го носи во грчката престолнина, а пречекот е со почести на шеф на држава. Од атинскиот аеродром, Светиот оган заминува за Соборниот храм во Атина, а потоа се пренесува во црквите во сите делови на Грција, за да стигне до верниците во пресрет на Христовото Воскресение.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.