Министерот за надворешни работи на Бугарија Светлан Стоев во разговор со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ ја потврди бугарската позиција за европерспективата на земјите од Западен Балкан.

Во однос на европската интеграција на Република Македонија, Светлан Стоев истакна дека позицијата на Бугарија е јасна, конзистентна и предвидлива и не е променета. Тој изјави дека привремената влада се води според Рамковниот став и декларацијата на Националното собрание од октомври 2019 година.

Нашата позиција ужива и поддршка од 85 проценти од бугарските граѓани. Бугарија отсекогаш покажувала волја за конструктивен и прагматичен дијалог со Скопје. Ние ќе продолжиме да работиме за враќање на довербата. Очекуваме правни гаранции за усогласеност со Договорот од 2017 година и конструктивен одговор од Скопје за долгорочно решение на прашањето, рекол Стоев, пренесува бугарски Труд.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера рече дека Заев и Бучковски преговараат со бугарската техничка влада за прифаќање на условите кои се дел од декларацијата на Бугарскиот парламент.

На маса за преговори ќе бидат јазикот, традицијата, историјата, културата што ќе значи дека додека не се прифати ова нема да има почеток на преговори – односно, ова ќе биде почеток без крај. Некаде 23 – 24 јуни ќе биде даден датум за почеток на преговори но со сите прифатени барања на Бугарија. Со ова, секоја идна влада која ќе сака да започне преговори со ЕУ ќе мора да ги прифати овие барања на Бугарија – со други зборови – асимилација, бугаризација или замрзнување на преговорите, рече Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.