Пратениците на опозицискиот Сојуз за Србија (СЗС) ќе ја бојкотираат утрешната седница на српското Собрание, истакнувајќи дека нема да учествуваат во работата и на републичките и локалните собранија, се додека не се исполнат барањата на протестите „Еден од пет милиони“ и не се овозможат слободни и фер избори.

Како што се наведува во соопштението на СзС, бојкотот е во согласност со „договорот кој им е понуден на граѓаните и за чија реализација опозицијата гарантира со своите потписи“.

– Првиот следен чекор ќе биде формирањето на Асоцијацијата на слободни одборници, која треба да ја олесни соработката и координацијата на одборниците во услови на бојкот на работата на локалните парламенти, се вели во соопштението, во кое се додава дека „пратениците и одборниците на СзС ќе продолжат да се борат надвор од институциите на системот“.

Од СзС наведоа дека „не сакаат да бидат дел од фасадната демократија и да даваат легитимитет на еден тоталитарен режим, кој го гуши секое поинакво мислење, а политичките противници ги третира како државни непријатели“.

– Ние сакаме да го промениме системот и во Србија да ја вратиме културата на дијалог, владеењето на правото и политичката пристојност и нормалност, порачаа од СзС.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.