Шефовите на држави од регионот преку заедничка Декларација ја повикаа ЕУ да го забрза процесот на проширување. Денеска во Брдо кај Крањ се одржува 10-иот јубилеен Самит Брдо – Бриони.

Домаќин на оваа словенечко – хрватска иницијатива е претседателот на Словенија Борут Пахор,а учествува и претседателот Пендаровски. Во пресрет на јунскиот Европски Самит, но и под сенката на нон пејперот за наводно менување на границите, лидерите од регионот испратија порака до Унијата.

Ја повикуваме ЕУ да го гледа регионот на Западен Балкан како целина, и не само како одделни земји со кои преговара.  Тоа е реципрочен процес. ЕУ мора да го забрза проширувањето и земјите од Западен Балкан мора да ги забрзаат реформите , изјави Борут Пахор претседател на Република Словенија.

Копретседавачот на Самитот Брдо – Бриони, хрватскиот претседател Милановиќ и покрај тоа што во денешната Декларација не се спомнува бугарското вето кон Македонија, пред новинарите  изјави дека тоа што го прави официјална Софија кон Македонија е неправда и удар.

Тоа што денеска една членка на ЕУ и го прави на Република Македонија, тоа е удар. Да барате од земја кандидатка која сака да преговара за да стане членка, да барате да ја промени историјата и да ја дефинира генезата на своите граѓани како што соседната земја сака, тоа е удар  и нешто што не смее да се дозволува и ќе бидам против тоа. Ако вашата цел е да поразите некого само затоа што е послаб, тоа не е начин да се дејствува. Комплетен притисок од позиција на посилен.Тоа не го спомнавме во нашата денешна Декларација, но јас немам проблем да го кажам тоа јавно. – изјави Зоран Милановиќ претседател на Хрватска.

Балканските лидери денеска  во Брдо не се договорија за непроменливост на границите – српскиот претседател Александар Вучиќ бил против таков заклучок, затоа што Косово во 2008 година ги променило границите прогласувајќи независност.  Според извештаите, атмосферата за време на состанокот наводно била доста наелектризирана и дошло до вербален  судир меѓу Вучиќ и косовската претседателка  Османи.

Иако очекувањата беа големи, сепак на крајот од денот се чини како сите да заминуваа  задоволни од заклучоците. На самитот учествуваа и претседателите на Црна Гора и на Албанија, како и претседателството на Босна и Херцеговина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.