Хрватската полиција добила пријава дека едно лице е рането при пукање со огнено оружје во Колањски Гајец на островот Паг, во близина на популарната плажа Зрче.

На местото на инцидентот се испратени полициски службеници, а набрзо во просториите на полицијата е приведено лице поврзано со наведениот настан. Ранетиот починал во возилото на брзата помош на пат кон болница.

На местото на инцидентот се врши увид, а во тек е и кривична истрага за утврдување на сите факти и околности на настанот, информираат од Полициската управа Задар.

Како што дознава „Задарски.хр“ од луѓе на терен, настанот се случил пред ноќниот клуб Ноа во Катарелац, каде што дошло до судир на странски државјани. Причината за конфликтот се уште не е позната, а во пресметката учествувале државјанин на Црна Гора и државјанин на Србија.

Притоа, Србинот пукал и го ранил Црногорец, кој потоа починал на пат кон болница.

Градоначалникот на општина Колан, Шиме Глигора, изјави дека слушнал што се случило, но дека првично нема повеќе информации од она што го дава полицијата.

Лорета Бачиќ, менаџер за односи со јавноста на плажата Зрче, изјави дека инцидентот не се случил на „нивната страна на плажата“.

Не сме свесни што се случи. За настанот знаеме само од медиумите – изјави Бачиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.