Припадници на специјалните полициски единици интервенирале за да ги смират инцидентите што избувнаа во еден од центрите за прием на илегални мигранти во околината на Сараево, при што имало повредени.

Портпаролот на сараевската полиција, Мирза Хаџиабдиќ, соопшти дека најмалку двајца полицајци и еден вработен во Меѓународната организација за миграција (ИОМ), која управува со прифатниот центар, се повредени во судирите предизвикани од мигранти во кампот близу Блажуј.

Како што пренесуваат локалните медиуми, мигрантите оштетиле и дваесетина полициски возила, а има и превртени автомобили со искршени стакла.

Полицијата потврди дека неколку мигранти биле приведени за насилно однесување.

Конфликтот избил кога вработените во ИОМ се обиделе да пренесат еден од мигрантите од кампот во Блажуј во друг камп. Мигрантот претходно ги охрабрувал инцидентите.

Станува збор за мигрант, кој всушност е водач на една од групите во овој камп. Мигрантите се обидоа насилно да го ослободат, по што дојде до конфликт – изјави Хаџиабдиќ.

Во околината на Сараево постојат два кампа со илегални мигранти, а нивниот капацитет е нешто повеќе од две и пол илјади легла.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.