Српската православна црква интензивно ја подготвува стратегијата за релативно брзо продолжување на замрзнатиот дијалог со Македонската православна црква, пишува денеска „Вечерње новости”.

Весникот потсетува дека продолжувањето на дијалогот беше најавен по Соборот на СПЦ, но оти засега нема коментар од МПЦ. Во СПЦ се работи на стратегијата за дијалог во очекување на одговорот од вселенскиот патријарх Вартоломеј на барањето од македонската црква и премиерот Зотан Заев за утврдување на статусот на МПЦ-ОА.

„Вечерње новости“ го пренесува кусиот коментар на портпаролот на Синодот на МПЦ владиката Тимотеј дека македонските владици ќе заседаваат и ќе ја разгледаат евентуалната понуда од СПЦ за продолжување на дијалогот кога таа и официјално ќе пристигне во Скопје. Ако првата етапа од обновените преговори биде задоволителна, реални се очекувањата дека барањето за статусно решавање на афтокефалноста на МПЦ набзо ќе биде разгледувано во СПЦ, пишува весникот.

Светиот архиерејски собор на СПЦ пред десеттина дена донесе одлука да ги обнови преговорите за решавање на статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Решението на СПЦ за обновување на преговорите со МПЦ следува по одлуката на Синодот на Вселенската патријаршија да почне да го разгледува барањето на МПЦ за решавање на нејзиниот статус.

Вселенската патријаршија во соопштението издадено по синодската седница на почетокот на месецов не даде детали за разговорите за прашањето на МПЦ, но според верските аналитичари, самото ставање на оваа тема на дневен ред значи почнување на официјалната процедура за решавање на статусот на црквата во Македонија.

Медиумите во Србија во тој контекст потсетуваат и на неодамнешната изјава на рускиот патријарх Кирил дека Вселенската патријаршија може да го примени „украинското сценарио“ за признавање на афтокефалноста и на Македонската православна црква.

Синодот на Цариградската патријаршија почна официјално да го разгледува барањето, за што беше објавено и соопштение. Зошто Фанар би го разгледувал барањето ако, сепак, нема намера да го повтори „украинскиот рецепт“ и за Скопје, рече патријархот Кирил во интервју за „Политика“ минатиот месец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.