Полицијата во Атина употреби солзавец во обид да ги растера студентите кои протестираат во главниот град на Грција поради нацрт законот за образование.

За време на протестот, студентите се обиделе да го пробијат полицискиот кордон пред зградата на парламентот на плоштадот Синтагма. Студентите фрлале со Молотови коктели и камења, по што полицијата возвратила со солзавец и шок бомби.

Демонстрантите се уште се собрани на плоштадот Синтагма.

На протестот учествуваат и ученици од основните училишта и универзитетски персонал.

Гласањето на новиот закон, иако првично беше закажано за денеска, поради што и студентите одржуваат протест, се поверојатно е дека ќе се одржи утре и  расправата наместо два, ќе трае три дена.

Предлог-законот  воведува промени во системот за прием во високото образование, ограничено време за студирање, односно на шест години за оние што се на факултетите со четири години и осум и девет години за високото образование што трае пет, односно шест години, но и промени во бројот на поени за запишување на факултет, како и можноста за формирање универзитетска полиција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.