Косовскиот премиер во заминување Рамуш Харадинај пристигна во Специјалниот суд во Хаг каде што е повикан на распит, во својство на осомничен, пред Специјалниот суд за воени злосторства во Косово.
Хардинај ќе биде сослушан поради злосторствата кои ги направиле поранешните припаднаици на ОВК врз српските и неалбански жители за време на воениот конфликт кон крајот на 90-те години.

Во петокот Рамуш Харадинај поднесе оставка од функцијата премиер поради сослушувањата пред Специјалниот суд, а денеска ќе се појави пред истражувачите.

Тој на Фејсбук напиша дека „Косово тргнало напред на евроатланскиот пат и дека е посилно од било кога, на линијата на мирот и во сеприсутните пријателства со САД“.

Инаку Харадинај во вчерашното интервју за приштинската телевизија Т7 изјави дека од судот во Хаг е повикан на интервју, но дека против него се уште не е покренато обвинение.

Да, утре ќе отпатувам за Хаг – изјави Харадинај, додавајќи дека интервјуто пред судот е закажано за наредниот ден, среда, 24 јули.

Тој повтори дека поднесе оставка од функцијата претседател на Владата, затоа што пред судот сака да се појави како граѓанин на Република Косово, а не како премиер.

Не би можел тоа да му го направам на Косово, бидејќи тоа би покажало дека Косово е ранливо – изјави Харадинај, изразувајќи уверување дека и овој пат ќе се потврди дека борбата на Ослободителната војска на Косово (ОВК) била праведна и чиста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.