Советот на министри на Босна и Херцеговина на вчерашната седница во Сараево ги утврди Предлог-основите за пристапување на БиХ кон Договорот за начелата со кои се утврдува делувањето на земјите во истражувањето и користењето на вселената, вклучувајќи ги и Месечината и другите небесни тела.

Договорот јасно забранува какво било поставување оружја за масовна деструкција во вселената, потоа било која влада да присвојува било кој небесен извор, како што се Месечината или планетите, бидејќи сите небесни тела и Месечината се заедничко наследство на човештвото, пишуваат сараевските медиуми.

Некои додаваат и дека многу важно за народите од овие простори е да се нагласи членот 2 од оваа спогодба, во кој стоело дека вселената, во која спаѓаат Месечината и небесните тела, не е предмет на национална апропријација и воспоставување суверенитет, ни со окупација, ни на било кој друг начин.

Се појавија лавина коментари на социјалните мрежи, како: „Конечно ќе потпишеме спогодба дека смееме да ги истражуваме Месчината и другите небесни тела, но не смееме да ги окупираме“; „БиХ пристапува кон Договорот за вселената, тоа значи дека Месечината не е ни српска, ни хрватска, ни бошњачка, туку е во согласност со одлуките на ЗАВНОБИХ“; „Ќе ги контролираме вселената и Месечината, а дали го контролираме нашиот воздушен простор“…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.