Во екот на проблемот со морбилите во Словенија, здравствените власти во Љубљана соопштија дека се намалува процентот на граѓани кои примиле вакцина против сипаници.

Ако овој процент изнесуваше 95 отсто, што спаѓа во прифатливите рамки за Европската Унија, последните истражувања покажуваат дека во овој момент процентот изнесува 92, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Словенечкиот премиер Марјан Шарец, најави дека до април следната година ќе биде подготвен и презентиран предлог-законот за заразни болести, со кој ќе се направат промени во долгите процедури за имунизацијата.

Според словенечките здравствени власти процедурите сега често се злоупотребуваат од оние кои не сакаат да се вакцинираат себе или своите деца, а за тоа немаат медицински причини.

Една од главните причини зошто дел од граѓаните не сакаат да се вакцинираат се така наречените антивакциналните кампањи.

Инаку, некои од измените на законот за заразни болести ќе се прават по примерот на Германија, каде што вакцинирањето на децата во училиштата и градинките од први март следната година ќе биде законска обврска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.