Словенечкиот премиер, Роберт Голоб, во врска со руското влијание на Балканот, предупреди дека земјите од регионот мора „да смислат планови“ за да се спротивстават на очигледното руско влијание врз тамошната јавност и на „информациската војна“ што доаѓа од Москва.

Во интервју за британски „Би-Би-Си“, Голоб, на маргините на вчерашниот самит на НАТО во Мадрид, порача дека „делови од локалното население се за позициите на Москва и затоа треба да се работи со владите на Балканот за да се доближат до европската позиција“.

Но, мораме да ја земеме предвид наклонетоста на населението кон Русија, да не ја игнорираме, па да најдеме дури и кревка рамнотежа – предупреди словенечкиот премиер.

Како што пренесуваат словенечките медиуми, тој предупредил и за грешките од минатото во односот на Западот со Русија, од кои, како што додал, треба да се извлечат поуки.

Настаните во Украина можеби ќе се одвиваа поинаку доколку НАТО во односот кон неа постапуваше како и кон Кина. Ова е лекција од која мораме да учиме – вели словенечкиот премиер,

Во разговорите за словенечките медиуми за време на самитот, Голоб најави забрзување на напорите Словенија да ја постигне целта што поскоро да го зголеми финансирањето на својата војска на 2 отсто од БДП, според договорите во НАТО алијансата и изјави дека неговата влада би го променила претходниот план за да го постигне тоа до 2030 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.