Словенците кои сами ќе сакаат да се тестираат за новиот коронавирус и да добијат потврда дека не се заразени ќе плаќаат по 100 евра, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Вакви тестови кои ќе се прават по желба на граѓаните први почна да ги изведува пред неколку денови болницата во Цеље. Од Универзитетскиот клинички центар во Љубљана, кажаа дека набрзо и таму ќе можат да се прават вакви тестови, а цената ќе биде иста, односно 100 евра.

Здравствените власти објавија дека сите оние кои ќе сакаат да се тестираат ќе мора тоа да го закажат преку телефон најмалку 36 часа пред проверката. Брисот за анализа од луѓето ќе биде земен на тој начин што тие воопшто нема да имаат потреба да излегуваат од автомобилите.

Резултатите и потврдата ќе ги добијат за најмногу 24 часа.

Во Словенија денеска, исто како и вчера е регистриран само еден нов случај на лица заразено со коронавирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.