Ситуацијата во Бугарија станува сѐ подраматична со пандемијата на корона вирусот – болниците се преполни, луѓето умираат во стотици секој ден, а политичарите поради изборната кампања се надмудруваат што да се прави со вакцинацијата и ковид сертифакатите.

Во изминатите 24 часа починаа дури 310 луѓе (од нив 94 отсто не биле вакцинирани). Со тоа бројот на починати од почетокот на пандемијата се искачи на 24.309.

Регистрирани се нови 6.007 случаи. Во болниците се лекуваат 8.030 пациенти, а вкупниот број активни случаи во земјата е околу 100.000. На интензивна нега се 669 лица.

Министерот за здравство, Стојчо кацаров, и претставниците на струковите организации на Бугарија изутринава излегоа заедно со предупредување до граѓаните: „Ситуацијата е критична. Вакцинирајте се!“ Во Бугарија е многу силно антиваксерското лоби.

Откако првите денови по воведувањето на ковид сертификатите за влегување во затворен простор нагло се зголеми интересот за вакцинација, последниве неколку дена тој повторно опадна – вчера биле администрирани 14.545 дози. Бројката на вакцинираните од вкупното население е малку над 20 отсто.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.