По дојавите на подментнати бомби во 22 белградски училишта, полицијата досега извршила увид во девет училишта на територијата на Белград и утврдила дека се работи за лажни дојави дека во нив била поставена бомба, а увидите продолжуваат, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи, јави дописиникот на МИА од Белград.

Контрадиверзантски проверки се извршени во три училишта во општина Звездара, четири во Раковица и две училишта во општината Стар град.

Министерството за образование, наука и технолошки развој претходно соопшти дека дваесетина училишта во Белград добиле циркуларна електронска пошта за поставена бомба, за што веднаш биле известени МВР и БИА.

Слична ситуација се случи пред неколку дена во соседна Црна Гора. Нашата полиција прво ќе ги испита заканите, а децата и вработените нема да бидат вратени во училниците додека полицијата не потврди дека е безбедно, што е приоритет, изјави министерот за образование Бранко Ружиќ.

Од МВР соопштија дека од превентивни причини проверки се прават и во училиштата кои немаат дојави за подметнатаи бомби.

Министерството за образование, наука и технолошки развој ќе ја информира јавноста за развојот на состојбите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.