Донацијата на вакцини на Србија за Македонија преизвика голем интерес кај медиумите во Грција.

„Корона вирус – Македонија:  Србија ги достави до земјата првите вакцини“; „Србија ѝ достави 4.680 дози на вакцината „Фајзер“ на Македонија“; „Србија ѝ ги предаде на Македонија првите вакцини против корона вирусот“; „Македонија: Пристигнаа првите дози на вакцината „Фајзер“ од Србија“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми за вчерашното примо-предавање на вакцините од Србија за Македонија.

Медиумите во Грција, го пренесуваат текстот објавен од грчката новинска агенција АНА-МПА, под наслов „Србија на Македонија ѝ ги предаде првите вакцини против корона вирусот“, во кој пишува дека пристигнале 4.860 дози на вакцината „Фајзер“, од вкупно 8.000 дози од Србија.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ лично му ги предаде вакцините на премиерот на Македонија, Зоран Заев, на церемонијата што се одржа на границата меѓу двете земји, на граничниот премин Табановце, под силни врнежи од снег и голем студ. Ова се првите вакцини против Ковид-19, испорачани за Македонија, која е една од малкуте земји во Европа, во кои не е почната имунизацијата на населението – пишува АНА-МПА, а во текстот се пренесени и изјавите на Заев и Вучиќ за време на примо-предавањето на вакцините.

Грчката новинска агенција додава дека Македонија се надевала дека навремено ќе обезбеди вакцини или директно од фармацевтските компании од западните земји или од механизмот Ковакс на СЗО, но во тоа не успеала, поради што Скопје се обратило до кинеската Синофарм, притоа додавајќи дека во текот на февруари треба да пристигнат кинеските вакцини.

„Еуроњуз“ на грчки јазик, во прилогот од примо-предавањето на вакцините од Србија, ги пренесува изјавите на премиерот Заев и претседателот Вучиќ и додава дека првата пратка е половина од планираните вакцини од Србија за Македонија.

Срдечната прегратка меѓу Зоран Заев и Александар Вучиќ на граничниот премин меѓу Македонија и Србија ја запечати донацијата на вакцините на „Фајзер“ од Белград за Скопје – објави „Еуроњуз“ на грчки јазик на почетокот од прилогот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.