Бугарскиот министер за надворешни работи во техничката влада, Николај Милков, разговараше со амбасадорите и претставниците на амбасадите на земјите од Западен Балкан во Софија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, ова е првата регионална средба на техничкиот шеф на бугарската дипломатија по неговото учество на средбата на премиерот Галаб Донев со амбасадорите на земјите членки на ЕУ минатата недела. Пред нив Милков истакна дека Бугарија придава примарно значење на мирот, стабилноста и просперитетот на Западен Балкан.

Бугарија останува силно посветена на процесот на европска интеграција на нашите соседи од Западен Балкан, како главен пат кон зајакнување на регионалната и европската безбедност и кон постигнување траен просперитет за граѓаните во регионот – изјави министерот Милков.

Тој ги увери амбасадорите дека Бугарија ќе продолжи да се придржува до принципот на индивидуален напредок на земјите-кандидатки на овој план и ќе обезбеди експертска помош во процесот на пристапување.

Почитувањето на правата на бугарското национално малцинство и бугарските заедници во странство, како и одржувањето на добрососедските односи, ќе биде од особено значење за секоја бугарска влада и сега и во иднина, како и одржувањето на добрососедските односи – потенцираше техничкиот министер Милков, а на средбата зборуваше и за последиците од руската агресија врз Украина, кои дополнително ги зајакнуваат енергетските и економските предизвици на Балканот.

Во овој контекст, тој ја истакна важноста на партнерите од Западен Балкан целосно да се придржуваат до позициите на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и да работат заедно со Унијата за зајакнување на отпорноста на регионот против надворешни закани, вклучувајќи ги и кампањите за дезинформации и кибер нападите.

Имајќи ја предвид водечката улога на ЕУ во постигнувањето економски и социјален просперитет на Западен Балкан, министерот Милков кажа и дека Бугарија работи на брзо завршување на потребната енергетска инфраструктура, за подобрување на регионалната поврзаност и особено за спроведување на Коридорот 8, за зајакнување на контактите меѓу луѓето и заштита на животната средина и борба против климатските промени во регионот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.