Шаленберг: Спорот со Бугарија е решлив, бараме ЕУ да почне преговори со Скопје и Тирана

Балкан 09.06.2021 / 11:17

Шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг оцени дека 2021 година не смее да биде изгубена за Западен Балкан и побара почеток на преговори за членство во ЕУ со Албанија и Македонија.

Работиме зад кулисите со цел да не биде и оваа година изгубена како и претходната. Барав пристапните преговори со Македонија и Албанија да се отворат годинава, рече синоќа Шаленберг при дискусија на Политичката академија на Народната партија на Австрија.

Шефот на австриската дипломатија вели дека силен сигнал за поддршката од централна Европа била и неодамнешната негова посета, заедно со колегите од Чешка и Словачка на Скопје и Тирана.

Македонија и Албанија направија се како што треба и ги исполнија сите услови, потенцира Шаленберг, посочувајќи дека веќе разговарал со Бугарија, која го блокира отворањето на преговорите со Скопје и дека на таа тема дополнително ќе се посвети.

Регионот на Западен Балкан е полн со нерешени билатерални прашања. И Австрија имаше безброј отворени прашања со своите соседи, како што се Бенешовите декрети или спорот околу липицанерите. Пред 15 години, секојпат кога министер патуваше во некоја соседна земја, патувањето беше проблематично, бидејќи секогаш имаше некое отворено прашање, истакна синоќа во Виена Шаленберг. Тој додава дека Австрија е доказ дека таквите прашања се решаваат.

Билатералните прашања немаат врска со пристапниот процес, бидејќи тие се исклучиво билатерални и можат да се решаваат напоредно, вели Шаленберг, оценувајќи дека спорот меѓу Македонија и Бугарија секако е решлив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.