До доцна синоќа биле пријавени 8.278 позитивни резултати од направените селф тестови, односно тестови за домашна употреба, кои беа задолжителни за учениците и просветните работници во Грција.

Селф тестовите се задолжителни двапати седмично, а негативен резултат е предуслов за посетување настава за учениците од основните и средните училишта во Грција, а истото важи и за нивните наставници и професори.

Според информациите од Министерството за образование, од тестирањето на 1,6 милиони ученици и просветни работници, до синоќа имало 8.278 позитивни резултати.

Минатата седмица, со почетокот на второто полугодие, задолжителни беа три тестирања и откриени 31.000 позитивни случаи кај ученици и просветни работници.

Тестовите се подигнуваат бесплатно од аптеките со матичниот број на учениците и професорите и наставниците, задолжително е тестирање 24 часа пред почетокот на наставата секој вторник и петок, а резултатите се внесуваат на специјална платформа од каде што се добива потврдата со негативен резултат, задолжителна за сите ученици од четири до 18 години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.