Владата на Косово донесе нови, заострени мерки за спречување на ширењето на епидемијата на Ковид-19, кои ќе бидат во сила во наредните 12 дена, односно до 18 април.

Се воведува забрана за движењето на граѓаните во периодот од 22 до 5 часот, се затвораат училиштата и се забранува работата на угостителските објекти (освен со услугитеза носење, достава на нарачки и „драјв тру“), како и на трговските центри, вежбалниците и фитнес-центрите, освен тие на отворено.

На јавните и приватните предуниверзитетски институции им се наложува да ја одржуваат наставата онлјан во периодот од 12 до 18 април, додека универзитетите од 6 до 18 април, а воедно наредните 12 дена се затвораат и студентските домови и мензи.

Предвидени се и заострени мерки за јавни собири, културни, забавни и спортски настани, семејни прослави и погреби, ограничувања на бројот на патници во јавниот превоз и такси возилата и слично.

Министерот за здравство, Арбен Витиа, нагласи дека во изминатите две недели е забележан пораст на заболените и смртните случаи како последица на пандемијата. Конкретно, во изминатиот 14-дневен период имало 11.577 новозаболени и 150 починати, додека бројот на активни носители на вирусот моментно изнесува 13.902.

Последното деноноќие во Косово се забележани нови 11 смртни случаи и 512 заболени, со што бројката на починати достигна до 1.926 од вкупно 94.167 лица кај кои е откриен корона вирусот од почетокот на пандемијата. Вклучително вчерашните 524, болеста досега ја совладале 77.957 заболени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.