После зголемениот тренд на новозаразени со Ковид-19 во Албанија, властите размислуваат за воведување парична казна за оние што не ја почитуваат мерката за носење заштитна маска.

Првиот човек на Службата за микробиологија при универзитетската клиника во Тирана, Анди Корачи, вели дека Комитетот на експерти за справување со пандемијата веќе предложил и оти е само прашање на денот кога владата ќе го прифати овој предлог.

Се предлага носењето заштитна маска да биде задолжително, главно во затворени простории или на отворено каде не се почитува физика дистанца од над два метри. Во многу земји носењето маска е задолжително и непочитувањето се казнува, што придонесува во ублажување на состојбата, вели Корачи за Ора њуз.

Според надлежните, градските пазари се најопасните места за ширење на заразата. Во последното деноноќие во Албанија се регистрирани 90 нови случаи на заразени со ковид-19, што е највисока бројка досега, со што вкупната бројка изнесува 3 278 лица, меѓу нив 110 деца. Во списокот на оздравени се впишани 1 875, а починале 85. Активни заболени се 1 318 лица. Се зголемува бројот на оние што треба болнички да се третираат поради што се размислува за отворање нова болница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.