Претседателот на Собранието на Косово Глаук Коњуфца ја одложи седницата на собраниското Претседателство, поради наводно насилно однесување на шефот на пратеничката група на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Арбен Гаши на почетокот на седницата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Коњуфца изјави пред новинарите дека од страна на Гаши имало обид за физички напад и биле изречени тешки навреди кон шефот на неговиот кабинет, Илир Крчели.

Имаше напад, имаше и пцости. Беа изреченни работи кои не можам да ги споменам тука, рече Коњуфца.

Тој најави дека се можни дисциплински мерки против шефот на пратеничката група на ЛДК и порача дека барањето извинување од страна на Гаши „е најмалото нешто што може да се направи во овој случај.

Денешната седница нема да се одржи поради заканите на шефот на ЛДК, Арбен Гаши, упатени кон мојот персонал. Тој јазик е нерифатлив. Изразите кои ги уптреби се неприфатливи. Ваквите однесувања не смееме да ги прифатиме. Неговиот јазик беше скандалозен, и многу навредлив, со пцости кон семејството, рече Коњуфца.

Инцидентот се случи на почетокот на седницата на собраниското Претседателство, а на која се отворила темата на даполнителните надоместоци, кои, покрај платите, ги примаат пратениците.

Деновиве во јавноста се појавија информации дека повеќе од половината косовски пратеници користеле високи надоместоци за патни трошоци за учество на пленарните и комисиските седници во Собранието. Меѓу тие кои земале стотици евра месечно, најмногу има пратеници од владејачкото Движење самоопределување (ВВ) на премиерот Албин Курти.

По истекувањето на информацијата, од ВВ, чиј потпретседател е Коњуфца, објавија дека сите нивни пратеници се откажуваат од таквите надоместоци и побараа и од другите партии да го сторат истото. Најавена е и иницијатива за измена на собранискиот деловник кој ги овозможува таквите надоместоци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.