Со потврда за негативен резултат од направениот тест за Ковид-19 за домашна употреба (селф тест) два пати седмично, задолжителна како за учениците, така и за професорите, од понеделник се отвораат дел од средните училишта во Грција, односно за учениците на возраст од 16 до 18 години, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерката за образование на Грција Ники Керамеос, попладнево соопшти дека новиот вид тестови што ги воведува Грција, а ќе бидат бесплатни, се задолжителни и за учениците и за професорите и ќе треба да ги прават или вечерта или наутро пред заминување на училиште, секој понеделник и четврток.

Учениците и професорите, тестовите ќе ги набавуваат од аптеките, ќе ги прават во домашни услови, а резултатите ќе се пријавуваат на специјална интернет платформа.

При негативен резултат, ќе добиваат училишна карта, што ќе биде задолжителна за следење настава, а при позитивен резултат ќе треба да се спроведе и второ тестирање, но во здравствена институција.

Алтернативниот министер за здравство на Грција Василис Кондозаманис рече дека тестовите за домашна употреба од утре, преку аптеките, ќе бидат достапни за учениците и професорите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.