Премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез Перез-Кастехон кој денеска престојуваше во Тирана, во однос на пристапување на Албанија кон евроинтеграциите рече дека не поставуваат рокови, но изразуваат политичка поддршка.

Не можеме да поставиме конкретен рок, но изразуваме политичка поддршка овој пристапен пат да биде што побрз. Оптимист сум за иднината на ЕУ. Нам ни е јасно кои се нашите задачи и тоа треба да го направиме што е можно поскоро. Оптимист сум дека со пандемијата и војната гледаме процес на забрзување на овој процес. Треба да продолжиме да го зајакнуваме нашиот внатрешен пазар. Тоа значи влез и на други земји. Затоа, на поголемата интеграција и поддршка на Западен Балкан треба да се гледа со оптимизам. Тоа се двете задачи што ги имаме, изјави Санчез на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин Еди Рама.

Оцени дека ЕУ не може да се подразбере без Балканот, дека Унијата не е клуб на земји, туку заедница на вредности и принципи и оти интеграцијата на Западен Балкан ќе ја зајакне Европската Унија.

Во долгиот процес на отворање на преговорите научивме поука. Никогаш не си давајте рокови кога комуницирате со ЕУ. За нас е важно што преговорите се отворени и можеме да го искористиме овој извонреден канал на трансфер на знаење за градење на државата. Не очекуваме шпанското, белгиското или унгарското претседавање да ја заврши нашата работа и да постават рокови за тоа кога ја извршуваме нашата обврска. Кога ги извршуваме нашите задачи е нашата умешност и упорност“. Она што го очекуваме од шпанското претседавање е да ја прошири основата на оваа интеракција меѓу нас, Западен Балкан и ЕУ, изјави Рама.

Упати апел за „понатамошно стимулирање на мирот и соработката во регионот“.

Да ги поддржиме нашите иницијативи и да бидеме поприсутни и на билатералните патишта, кога мојот колега зборуваше за шпанскиот бизнис форум низ регионот и да водат процес во кој оваа нова европска заедница ќе добие конкретна форма, како нов простор каде што сме поврзани едни со други. Не треба да чекаме војна, пандемија или пожари за да седнеме на маса. Тоа е процес Win-Win и шпанското претседавање има улога што може да ја одигра за да ја зајакне оваа европска синергија, околу вредностите и принципите како оние што не натераа да се спротивставиме на руската агресија, посочи Рама.

Санчез ја повтори позицијата на Шпанија во однос независноста на Косово, дека истата не се менува и оти негов став е дека е прекршено меѓународното право, па затоа не можеме да бидеме за признавање на независноста на Косово.

Во однос на агресијата во Украина, тој рече дека таа се одразила на меѓународната безбедност, предизвикала и неизвесност за енергетиката, па затоа е „важно земјите од ЕУ да бидат обединети во одбрана на територијалниот интегритет“.

Санчез во рамки на посетата на Тирана, се сретна и со претседателот Бајрам Бегај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.