Повеќето руски медиуми изразуваат изненадување од одлуката на Србија за купување на кинескиот ракетен систем за противвоздушна одбрана „ФК-3“, а не е нарачано рускиот противракетен систем „С-300“.

Како што се наведува во неколку текстови, руските медиуми ги информираат читателите дека Србија се определила за „ФК-3“ наместо рускиот „С-300“, поставувајќи го сето тоа како да е веќе договорена зделка, а не како последица на интензивното пишување на некои српски медиуми, анализира порталот Балканска безбедносна мрежа.

На неколку места постои став за изневерени очекувања и оценки дека Србија се поставила како поделена личност, затоа што во исто време негува пријателство со Русија, се стреми да се придружи на Западот, а купува оружје од Кина, наведува порталот Балканска безбедносна мрежа.

Веб-страниците како „Лента.ру“ и „АЕКС.ру“ наведуваат дека Србија „и покрај желбата на мнозинство од населението“ наместо „С-300“ го купила кинескиот ракетен систем, иако според неименувани и неофицијални воено-дипломатски извори од Москва, имало преговори за набавка на системот „С-300 ПМУ-2“ следната година.

Руската „Газета.ру“ потсетува дека Србија по набавка на артилерискиот ракетен систем „Панцир С-1Е“ во медиумите изразувала интерес за набавка на „С-400“, а порталот известува и за детали во кои српскиот претседател Александар Вучиќ на прашањето дали ќе дојде до набавката, кажал дека „нема пари за такво нешто“ и дека Србија ќе „штеди“.

Весникот го цитира и директорот на Центарот за стратегиска анализа, Руслан Пухов, кој верува дека Србија добила многу поволни финансиски услови од Кина за набавка на „ФК-3“, веројатно во форма на безкаматен кредит, затоа што на Кина и е важно воената опрема да ја пласира на пазарот на „реномирани земји“ од европскиот континент.

Гласот на Америка на руски јазик со неутрален тон известува за аквизицијата и потсетува дека таа претставува продолжение на воената соработка со Кина започната за време на набавката на беспилотните летала „CH-92“, иако Србија традиционално се потпирала на Русија, набавувајќи од таа земја авиони, тенкови и оклопни транспортери.

Руската новинска агенција „Спутник“, во текстот на српски јазик, инсистира на тоа дека кинескиот „ФК-3“ има „потекло“ од рускиот „С-300“, кој таа земја го купила во 90-тите години и ги цитира претставниците на српската експертска јавност, дека купувањето оружје секогаш е и политичкото прашање, поради што Србија мора да балансира и да избегне американски санкции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.