Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган има амбиции и се обидува да учествува во политичкиот живот на Бугарија.

Ваквата изјава на Радев доаѓа по видео-обраќањето на Ердоган на Националната конференција на Движењето за права и слободи (МРФ), опозициска партија со голем број етнички Турци во Бугарија.

Радев, во гостување на „Дарик радио“ оцени дека со обраќањето Ердоган ги признал амбициите да учествува во политичкиот живот на Бугарија и дека тоа е недозволиво.

Според Радев, обраќањето на Ердоган го доведува во прашање угледот на МРФ како национално одговорна политичка сила.

Турција е пријател, партнер и сојузник и би претпочитал ова да не влијае на нашите односи. Се надевам дека нема да се вратиме на односите од март 2017 година, кога турските власти отворено се мешаа во нашиот изборен процес. Се надевам дека Турција нема да се меша во оваа предизборна кампања – изјави Радев.

Во своето обраќање, Ердоган зборуваше за добрососедските односи меѓу двете земји и му честиташе на кабинетот на Бојко Борисов за напорите да се справи со здравствената криза.

МРФ појасни дека Ердоган се обратил во својство на лидер на Партијата за правда и развој, а не како претседател на држава.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.