Податоците на Агенцијата за статистика на БиХ покажуваат дека во земјата има голем број невработени млади лица, а речиси 200.000 од нив на возраст од над 30 години живеат со своите родители.

Истовремено, повеќето млади луѓе на возраст над 25 години, кои неодамна ја напуштиле Босна и Херцеговина, емигрирале во земјите на Европската Унија.

Немаме податоци колку млади луѓе во изминатиот период ја напуштиле БиХ, но според податоците на земјите-домаќини, Босанците најчесто се иселуваат во државите од ЕУ (Германија, Хрватска, Австрија, Словенија, итн.) – соопшти Агенцијата.

Кога станува збор за невработеноста кај младите, Анкетата за работна сила спорведена во 2020 година покажува дека најголем број се оние на возраст од 20 до 24 години со завршено средно образование. Најголемиот број млади кои завршиле виша школа, факултет, магистерски и докторат, а се невработени, се на возраст од 25 до 29 години.

Истражувањето покажува и дека голем број млади луѓе кои се невработени (на возраст од 20 до 39 години) имаат завршено само основно или се без училиште.

Од Агенцијата напоменуваат дека станува збор за податоци од Анкетата за работна сила, која се спроведува согласно регулативите на ЕУ и не треба да се споредуваат со податоци од евиденцијата на Заводот за вработување поради методолошки разлики.

Според податоците од пописот на населението, домаќинствата и становите од 2013 година, од вкупниот број лица на возраст од 30 и повеќе години, 186.090 живеат со своите родители. Во оваа бројка се вклучени лицата кои живеат со двајцата родители или само со еден – велат од Агенцијата за статистика на БиХ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.