Албанскиот премиер Еди Рама синоќа им се заблагодари на македонскиот премиер Зоран Заев и на другите лидери во регионот што ѝ помогнаа на Албанија да ги санира последиците од силните земјотреси.

За време на средбата со странските амбасадори акредитирани во Албанија, Рама им се заблагодари на нивните земји за помошта по земјотресот што ја погоди земјата на 26 ноември.

Не можам да најдам зборови со кои би искажал колку ни значеше таа поддршка… Беше брилијантно како реагираа Вучиќ и Заев… да не ги спомнувам нашите браќа од Косово. Брилијантно, нагласи Рама.

Албанскиот премиер се заблагодари и за пораките на поддршка од Унгарија и Романија, потсетувајќи дека романскиот тим за спасување дошол во Албанија по своја иницијатива.

Прекрасно е да се види како доаѓаат луѓе од цела Европа, кои никогаш не стапнале на тлото на Албанија, кои немаат никакво познавање на албанскиот јазик, ниту искуство во ризикување на своите животи за непознати луѓе, рече албанскиот премиер.

Рама, исто така, за нивната поддршка им се заблагодари и на Соединетите Американски Држави, на другите европски земји, на папата Франциско и на Саудиска Арабија и се извини ако заборавил да спомене некого.

Албанскиот премиер Еди Рама денеска ја повика меѓународната заедница да испрати финансиска и експертска помош за да ѝ помогне на земјата да закрепне по силниот земјотрес во кој загинаа 51 лице, а илјадници останаа без своите домови. Рама рече дека Владата работи на ребаланс на буџетот, но оти ќе биде „човечки невозможно“ да се направи се без поддршка на меѓународните партнери.

Градежни инженери од Европската унија и САД, во соработка со локалните, веќе почнаа да ги проценуваат ефектите од земјотресот.

Операциите за пребарување и спасување преживеани од земјотресот во Албанија официјално заврши, се верува дека во урнатините нема повеќе тела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.