Албанскиот премиер Еди Рама објави дека албанската Влада постигнала начелен договорот со компанијата „Фајзер“ за обезбедување антиковид вакцина.

Според Рама вакцинацијата на популацијата во Албанија почнува во јануари.

Во екстремно тешки услови, поради вртоглавата глобална побарувачка и се уште многу малото производство, по интензивни контакти од сите четири страни, начелно се согласивме со текстот на договорот со „Фајзер“ вакцинацијата да почне во јануари, напиша Рама на Твитер.

На почетокот на овој месец Рама беше во посета на САД каде што се сретна со Алберт Боурла, генерален директор на компанијата „Фајзер“.

Рама денеска ја осуди „ диференцијацијата на ЕУ кон Балканот по ова прашање“.

Морално, политички и логички е неприфатлива диференцијација што ЕУ ја направи на Балканот, а ние, сепак, со дипломатија и инсистирање успеавме да не останеме зад никого. И нема да запреме се додека не се обезбеди последната доза. Да ги повлечат назад зборовите оние кои продолжија со навреди и обвинувања, посочува Рама.

Рама и изминатите денови ја критикуваше ЕУ за дистрибуцијата на вакцини против коронавирусот, велејќи дека Унијата ги оставила земјите од Западен Балкан да чекаат на вакцини се додека земјите-членки не обезбедат доволно за своите граѓани.

Тој на прес-конференција рече дека ЕУ донела „несреќна одлука“ да достави таканаречени „вишок вакцини“ на Западен Балкан.

За жал, вакцината е повеќе од каква било дипломатија, лични односи, пријателства, контакти. Голема војна се одвива во заднината на набавките, наведе Рама.

Вчера, пак, тој кажа дека се прават максимални напори достоинствено да се обезбедат вакцини и оти пред никого „нема да питачи да му даде вакцини“.

Ние работиме политички и дипломатски да обезбедиме вакцини. Се шпекулираше дека вакцинацијата почнала во Македонија, со само 100 дози дадени од Бугарија. Да питачам за Албанците, простете ми за скромноста, но јас тоа не го можам, изјави Рама.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.