Илир, немаш ниту една надлежност да се мешаш во работата на експертите во управувањето со состојбата. Како прво, не излегувај од дома без маска, кажи и на твојата партија да не упатува хистерични повици против носењето маска и гледај си ја работата што ја имаш, а што не ја работиш подолго време, му порача премиерот Еди Рама на албанскиот претседател Илир Мета, откако во писмото до премиерот, министерката за здравство и првиот параментарец оценува дека „ситуацијата оди кон катастрофа која треба навремено да се спречи“.

Рама напиша дека Мета нема надлежност и не треба „да го става носот во работата на експертите за управување со состојбата“.

Што се однесува до загриженоста на претседателот за справување со ситуацијата со приближувањето на зимскиот период, Рама наведува дека експертите се тие што одлучуваат за чекорите што треба да се преземат секој ден врз основа на стратегијата есен-зима.

Зголемувањето на бројот на новозаразени со Ковид-19 е во рамките на предвидувањата и ние мора, по секоја цена да избегнеме ново затворање а за тоа секој, вие прв, мора да ги почитувате едноставните правила, наведува Рама.

Експресно, со доза на иронија му возратија од кабинетот на Мета, потсетувајќи го дека самиот донесел одлука да биде и министер за Европа и надворешни работи, но не и министер за здравство и социјална заштита.

Претседателот Мета направи се во рамки на овластувањата што му се дадени со Уставот и законот, за да се спречи ширењето на пандемијата со Ковид-19 и го потсетуваме премиерот кој се уште е на функција, дека тој и самиот јавно му се заблагодари за ова. Претседателот Мета многу трпеливо чека на одговори на сите прашања упатени денес до министерката за здравство и социјална заштита, стои меѓу другото во реакцијата од кабинетот на Мета.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.