Албанскиот премиерот Еди Рама денеска на прес-конференција во Брисел изјави дека идентитетските прашања не треба да бидат дел од дневната политика и дека Албанија е подготвена „да ја чека  Македонија“ за да не се одвојат двете држави во процесот на интеграција, јави дописничката на МИА од Брисел.

Еди Рама денеска во Брисел учествуваше на редовниот годишен Совет за стабилизација и асоцијација со Албанија, на кој европската страна констатирала дека Тирана направила значителен и опиплив прогрес во сите клучни области и од земјите членки ќе побара одржување на првата меѓувладина конференција и почеток на преговорите за членство „најскоро што може“.

Албанскиот премиер од своја страна, одговарајќи на прашање за можноста да се одвојат Скопје и Тирана сега кога Македонија е блокирана од страна на Бугарија, ја потенцира својата поддршка за земјава и изрази надеж дека лидерите во Скопје и Софија „ќе покажат мудрост и ќе го надминат спорот“.

Кога ќе се материјализираат конкретните чекори, како првата меѓувладина конференција, не е всушност до нас. Живееме во различни времиња. Не се ова најдобри времиња за нас во регионот – изјави Рама одговарајќи на прашањето за почетокот на преговорите со  Македонија и Албанија пред неговите соговорници високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жосеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Рама, исто така, посочи оти кога дознал дека идентитетските прашања се покренати во процесот на преговори за  Македонија, тој бил „ужаснат“.

Ова е најлошата можна дискусија кога е потребен консензус за постигнување на следниот чекор, затоа што е комплицирано, затоа што е емотивно и се надеваме дека мудрите лидери на  Македонија и Бугарија, кои се мудри, ќе го решат ова сами и се надевам дека нема да чекаат некое волшебно стапче од Берлин, Лондон или од каде било, затоа што тоа нема да се случи. Треба да најдат начин сами да се договорат – порача албанскиот премиер од Брисел.

Тој додаде дека минатото треба да им се остави на академиците, граѓанското општество и експертите, но дека тоа нема место во дневната политика и изрази надеж дека нема да дојде до одвојување на  Македонија и Албанија во овој момент од процесот, односно одржувањето на првата меѓувладина конференција.

Минатото е процес кој може да ја зароби  Македонија, не дај Боже, за којзнае колку време, но ако треба да ве чекаме и да бидеме трпеливи, ќе ве чекаме како наши соседи и ќе трпиме – изјави Рама.

Редовниот состанок за стабилизација и асоцијација со Македонија, кој требаше да се одржи на крајот на февруари, беше одложен, но според еврокомесарот Вархеји, тоа нема никаква поврзаност со некаков притисок од Бугарија.

Советот за Албанија требаше да се одржи во ноември, така што и овој е одложен, сега бараме датум, во ова време на Ковид очекувани се одлагања на средби, нема ништо страшно во врска со ова, така живееме во време на Ковид – рече Вархеји.

Осврнувајќи се на можното одвојување на евроинтеграцијата на Скопје и Тирана, еврокомесарот за прошиеување изјави дека станува збор за процес заснован на заслуга и земјата што ќе ги исполни условите ќе ја добие првата меѓувладина конференција.

За Албанија условите се исполнети и ние ќе поднесеме предлог до земјите членки да започне првата меѓувладина конференција што е можно поскоро – изјави Вархеји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.