Бугарија очекува ефективни дејствија од институциите на Европската Унија за валоризирање на вредностите на демократијата и почитувањето на човековите права во Македонија. Ова го изјави претседателот на Бугарија Румен Радев денеска за време на средбата со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, соопшти прес-службата на бугарскиот претседател.

Радев на средбата со Вархеји истакнал дека декларациите и ветувањата во дијалогот со Македонија повеќе не функционираат и Бугарија очекува јасни правно обврзувачки одлуки што ќе доведат до одржливи и неповратни резултати, јави дописникот на МИА од Софија.

Според Радев, ова ќе го забрза процесот на европска интеграција за Македонија. Бугарскиот претседател го потсетил Вархеји дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Македонија потпишан во 2017 година не се спроведува и Скопје, според Радев, сè уште не го решил проблемот со говорот на омраза и всадување лажна слика за Бугарија во учебници, музеи и споменици, како и во однос на правата на граѓаните кои отворено ја изразуваат својата бугарска самосвест.

Претседателот на Бугарија Радев за време на разговорот со еврокомесарот Вархеји истакнал дека „120.000 бугарски државјани во Македонија се државјани на Европската Унија, и Бугарија се потпира на поддршката на европските институции за ефективно почитување на нивните права”.

Напредокот во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан исто така беше во фокусот на разговорот меѓу Румен Радев и Оливер Вархеји.

Бугарија е најзаинтересирана да ги види своите соседи во Европската Унија, но за тоа е потребно целосно исполнување на Копенхашките критериуми за членство на Македонија, особено почитување на човековите права и принципите на добрососедство, кои се основа на европската соработка, нагласил бугарскиот претседател.

Заедничкиот став беше дека во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан и решавање на спорните прашања, најважен е директниот и отворен дијалог.

По Софија, еврокомесарот Оливер Вархеји ќе ја посети Македонија, каде што ќе се сретне со нејзиниот државен врв.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.