Старо-новиот претседател на Бугарија Румен Радев вчера попладне, остварил два телефонски разговори на кои тема била блокираната евроинтеграција на Македонија.

Во период од околу еден и пол час Радев прво разговарал со македонскиот премиер Зоран Заев, а потоа и со австрискиот претседател Александер ван дер Белен.

Во фокусот на разговорите со Белен, како што соопштија од кабинетот на Радев, биле евроинтеграциите на Република Македонија, а биле разменети и мислења за справување со коронавирусот во Бугарија и во Австрија.

„Румен Радев го истакна ставот на нашата земја дека продуктивниот билатерален дијалог меѓу Софија и Скопје е незаменлива алатка за надминување на контроверзните прашања во билатералните односи и Бугарија од него очекува конкретни резултати за да се придвижи процесот на европска интеграција на нашиот југозападен сосед. Претседателот на Австрија му честиташе на Румен Радев по повод неговиот реизбор за шеф на државата. Тој изрази сочувство за тешките инциденти во домот за стари лица во село Ројак и на автопатот Струма“, се наведува во соопштението од кабинетот на Радев.

Оттаму претходно соопштија дека бугарскиот претседател денеска имал телефонски разговор со Заев, по иницијатива на македонскиот премиер. По разговорот, од кабинетот на Радев соопштија дека соговорниците заклучиле дека дијалогот на високо ниво е клучен за градење доверба и надминување на спорните прашања во односите меѓу Бугарија и Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.