Бугарскиот претседател, Румен Радев, на средбата со неговиот австриски колега Александар Ван дер Белен, за време на посета на австрискиот град Салцбург, порача дека Бугарија е најсилниот поддржувач на проширувањето на ЕУ, но дека не може да дозволи кршење на правата на граѓаните на Република Македонија со бугарска самосвест.

На средбата меѓу Радев и Ван дер Белен, било истакнато дека европската интеграција на земјите од регионот е во интерес на стабилноста и економскиот развој на Европа.

Претседателот Радев истакнал дека Бугарија принципиелно и доследно ја поддржува европската перспектива на регионот, која не треба да биде ограничена на формалните фази во процесот на пристапување и не смее да им наштетува на интересите на земјите-членки на Унијата и нејзините вредности. Во врска со постигнувањето напредок во европската интеграција на Република Македонија, шефот на бугарската држава изјавил дека очекуваат јасна политичка волја од македонска страна за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави, потпишан во 2017 година.

Иако во Скопје тврдат дека ги исполнуваат критериумите за пристапување, сепак сме сведоци на систематско кршење на правата на граѓаните на Република Македонија од бугарско потекло и нивна дискриминација, а сè уште има и говор на омраза кон Бугарија во учебниците и во јавниот простор – истакнал Радев.

Според бугарскиот претседател, напредокот и решавањето на овие прашања зависат исклучиво од политиките на Република Македонија, со која Бугарија повеќепати изразила подготвеност да води конструктивен и отворен дијалог. Според Радев, ова е начинот да се создаде клима на доверба и да се постигнат конкретни и неповратни резултати што ќе доведат до почеток на преговори за членство во ЕУ.

Бугарскиот претседател во Салцбург истакнал дека во рамките на словенечкото претседателство со Советот на Европската Унија, неговата земја е подготвена да работи на постигнување напредок на чувствителни теми и на решенија прифатливи за двете земји.

Румен Радев оценил и дека билатералните односи меѓу Бугарија и Австрија се на одлично ниво со интензивен политички дијалог, вклучително и во рамките на конструктивната соработка на теми од европската и меѓународната агенда.

Во 2020 година, трговијата меѓу Бугарија и Австрија изнесува 1,358 милијарди евра, а австриските инвестиции во Бугарија изнесуваат 319,2 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.