Интерконекторот меѓу Бугарија и Грција драстично ја менува енергетската карта на Европа и конечно имаме вистински проток на гас од Азербејџан, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев во обраќањето на церемонијата на пуштањето во употреба на гасниот интерконектор Грција – Бугарија (ИГБ), што се одржа во Софија.

– Долго време чекав на реализација на гасниот интерконектор меѓу Бугарија и Грција. Не беше лесно да се постигне. Во него сериозно беа вклучени неколку бугарски и грчки влади и требаше да се надминат многу бирократски пречки, рече Радев.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Радев изрази благодарност до раководството на компанијата ИЦГБ, кое, како што рече, работеше многу сериозно, но и до бугарските и грчките институции, како и до Европската комисија за финансиската поддршка за реализација на овој проект.

Според него, оваа гасна врска е можност не само за Бугарија, туку и за Романија, Србија, Македонија и многу други земји од Централна и Југоисточна Европа.

Радев се обрати кон грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој присуствуваше на церемонијата, истакнувајќи дека Бугарија очекува пуштање во употреба и на гасниот центар во Александруполис, со што, според него, ќе се постигне вистинска диверзификација.

– Затоа, интерконекторот меѓу Бугарија и Грција не е само инфраструктурен проект, туку симбол на зголемениот потенцијал на нашиот регион, успешна соработка и нашата поврзаност, кои придонесуваат за нашиот одржлив развој преку реализација на заедничката европска стратегија за понадежна, евтини и сигурна енергија, додаде Радев.

Тој истакна дека врз основа на оваа стратегија, Бугарија ќе го прошири капацитетот на складиштето за гас во Чирен за да им помогне на соседите.

Радев потенцира дека Бугарија инсистира и на воспоставување интерконектор со Србија, а соработува и со Романија.

На маргините на форумот, Радев имаше неформален разговор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и со еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон и со грчкиот министер за животна средина и енергетика Костас Скрекас.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.