Бугарскиот претседател Румен Радев го повика лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, да се кандидира за шеф на државата, јави дописникот на МИА од Софија.

Радев смета дека „крајно време е Борисов да не ја користи својата партија како штит и да ја одбрани нејзината чест со кандидирање за претседател“.

Апелот до поранешниот бугарски премиер Борисов го упати за време на отворањето на новата академска година на Универзитетот за рударство и геологија.

Од денеска, иницијативните комисии, кои ќе номинираат независни кандидати за претседател и потпретседател на изборите на 14 ноември, можат да аплицираат за да се регистрираат во Централната изборна комисија на Бугарија. Крајниот рок за доставување документи е 4 октомври.

Според Уставот на Бугарија, право да биде избран за претседател и потпретседател има секој бугарски државјанин кој нема друго државјанство, на денот на изборите – 14 ноември, да има полни 40 години, да не е ставен под старателство, нема забрана, не издржува затворска казна и живее во земјата во последните пет години.

Секој претседател и потпретседател на Бугарија може да има два последователни мандата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.