„Францускиот предлог“ за деблокирање на евроинтегративниот процес на Македонија е најдобар за Бугарија, но бугарските политичари не треба да брзаат да прогласат историска победа, бидејќи предложените документи не даваат доволно гаранции за заштита на интересите на Софија, изјави денеска во Пловдив бугарскиот претседател Румен Радев.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Радев истакна дека најдоброто е тоа што Бугарија успеала да се спротивстави на два совета за проширување на ЕУ, кога имала јасна позиција и јасни аргументи.

Според Радев, европските партнери на Софија го делат нејзиниот став дека „прашањето за одбрана на граѓанските права и борбата против дискриминацијата не може да биде билатерално прашање само меѓу Бугарија и Република Македонија, туку мора да се постави на ниво на ЕУ“.

Тој уште ги повика бугарските политичари да не брзаат со прогласување „историска победа“, бидејќи, како што нагласи, промената на Уставот на Македонија не е последен, туку прв чекор кон интеграцијата на земјава во ЕУ.

Треба да биде јасно дека овој процес се заснова на два важни документи – првиот е Преговарачката рамка, која е обврска и ја подготвува ЕУ. Вториот е билатералниот протокол, кој е наша заложба и е составен дел на преговарачката рамка, рече Радев, додавајќи дека во моментов предложениот билатерален протокол „не дава доволно гаранции за заштита на интересите на Бугарија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.