Малку ни се нашите македонски парадокси, па на патот кон добрососедството и пријателството со Бугарија мораме да се соочуваме и со бугарските.

Па, така, во време кога бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, која во соседските опозициски медиуми се почесто се именува и како Катја Полувелика, ни испрати порака дека Македонија и Македонците не можат да ги започнат преговорите за членство во Европската Унија. А, причината за тоа, меѓу другото, ги најде во Тито и Сталин!

-Нивната идеологија продолжува да се развива како што планираа Тито и Сталин. Затворајќи ги очите, ние ја работиме работата на Москва, изјави Захариева.

И за да ги избегне нападите дека со ветото за Македонија, Бугарија, практично работи за интересите на Русија на Балканот, Захариева заборава на еден детал мошне актуелен во моментов во Бугарија.

Пред само неколку дена, поточно на 13 ноември, бугарскиот премиер Бојко Борисов во текот на обиколката на една од патните магистрали во изградба во Бугарија, меѓу другото изјави „Arbeit macht frei“! Или, како што преведуваат бугарските медиуми-„Работата носи слобода“.

Со ова Борисов предизвика реакции во бугарската јавност, зашто употребената фраза, всушност, е натписот, што стоел и се уште стои на влезот во логорот на смртта Аушвиц. И сега најблиските негови соработници се обидуваат да објаснат дека со тоа Борисов ја манифестирал својата желба за постојана работа. Се разбира, во полза на бугарските граѓани.

Колку ваквите објаснувања ќе наидат на разбирање кај бугарските граѓани е нивна работа.

Но, кога станува збор за нас, може да се постави и сосема поинаква теза. Дали токму во моменти кога Бугарија сака на сметка на Македонците да се ослободи од своето наци-фашистичко минато, кај премиерот Борисов, всушност, проработел Фројд? Зашто, колку и да бега од минатото, кај Борисов очигледно потсвесно работи чистата „фашистичка жичка“, со која сега сака да ни ја менува историјата и да не негира како народ и нација.

А, ако навистина сакал да ја манифестира својата желба за работа, без сомнение можел да употреби милион други мисли, изрази и фрази, кои немаат ништо заедничко ни со Аушвиц, ни со наци-фашизмот, ни со холокаустот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.