Советот за безбедност на ООН ќе го разгледа новиот шестмесечен извештај за работата на мисијата на ООН на Косово (УНМИК), а на видео-сесијата ќе учествува и шефот на српската дипломатија, Никола Селаковиќ.

Извештајот на генералниот секретар на ООН за работата на УНМИК опфаќа период од 16 септември 2020 година до 15 март 2021 година, соопшти Министерството за надворешни работи на Србија.

Генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш оцени дека трајниот мир, стабилноста и социо-економскиот развој на Косово и регионот зависат од одржлив напредок во дијалогот насочен кон нормализирање на односите на Приштина со Белград.

Во новиот шестмесечен извештај за работата на мисијата на УНМИК, кој денеска е на дневен ред на седниците на Советот за безбедност на ООН, Гутереш истакнува дека напредокот во дијалогот, исто така, останува клучен за европските аспирации и на Косово и на Србија.

Иако ги поздравувам јасните изјави на двете страни за важноста за унапредување на дијалогот, ја подвлекувам важноста на вистинската посветеност за продолжување на разговорите на високо ниво во рамките на дијалогот Белград-Приштина со поддршка од ЕУ во многу блиска иднина – вели Гутереш во извештајот.

Претходната седница на Советот за безбедност на ООН, на која беше разгледан шестмесечниот извештај за работата на УНМИК, се одржа на 21 октомври минатата година, преку видео врска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.