Косовската полиција соопшти дека лицата што ги блокирале патиштата на северот на Косово од различни локации трипати пукале во полициските единици кај езерото Газиводе, односно на пат кон граничниот премин Брњак, јавува Радио слободна Европа.

„Полициските единици во самоодбрана беа принудени да одговорат со огнено оружје против криминални лица или групи, кои заминаа во непознат правец. Исто така, според информациите од полициските единици на терен, се слушнале истрели на повеќе различни локации“, се вели во полициското соопштение.

Во него се додава дека засега нема официјални информации за повредени или евентуална штета.

На северот на Косово, во општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, каде што живее мнозинството од српското население, на 10 декември во попладневните часови беа поставени барикади на повеќе локации.

Србија ќе бара од КФОР да распореди војска на северот на Косово

Според информациите на репортерот на Радио Слободна Европа кој е на терен, причина за блокадите е апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ.

Косовската полиција претходно соопшти дека граничните премини Јариње и Брњак меѓу Косово и Србија се привремено затворени, поради полициски проценки и мерки на претпазливост. Оценето е дека поради блокирање на патишта на териториите на општините Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток е нарушена и спречена слободата на движење.

Полицијата ги повика граѓаните да користат други премини за влез или излез од Косово и побара од граѓаните да соработуваат со полицијата и да не „наседнуваат на можни провокации од криминални лица или групи“.

Претходните денови беа забележани голем број инциденти на северот на Косово, а косовската полиција го зголеми присуството. Српските претставници од ноември ги бојкотираат институциите на Косово.

Претходно српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека Србија ќе испрати барање до командантот на КФОР да дозволи распоредување на српската војска и полиција на Косово. Ова го изјави Вучиќ во своето обраќање до јавноста, кога претставниците на Србите на северот на Косово поставија барикади, протестирајќи против апсењето на поранешниот косовски полицаец Дејан Пантиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.