Поранешниот претседател на Бугарија, Георги Прванов повика на конструктивен пристап помеѓу Софија и Скопје. Како што јави дописникот на МИА во Софија, според Прванов, колку и да е едноставен францускиот предлог, тој е дипломатски воздржан и дава некаква основа и насока за излез од оваа неколкугодишна дипломатска криза.

Поранешниот бугарски претседател изрази надеж дека ќе се направи потег да заврши и оваа сага. Тој нагласи дека со укинувањето на ветото, Бугарија ја губи битката за историјата.

Очигледно, ветото не може да го смени ставот на македонското општество. Дури и повеќе од најблиските народи, какви што беа и како што нè прогласија двајцата премиери на Бугарија и Македонија, Бојко Борисов и Зоран Заев, земјите станаа најнепријателски, коментира Прванов.

Прванов е дециден дека треба да се работи на обновување на билатералните односи, за ново зближување меѓу Бугарија и Македонија, а тоа е можно, но не на начин да се влијае врз европските институции.

Тој го најави новото издание на книгата „Илинденско-преображенското востание 1903 низ очите на европските дипломати“, чиј коавтор е самиот тој.

Публикацијата, како што рече и Георги Прванов, ја расветлува документарната вистина за настаните меѓу двата народа пред повеќе од 100 години. Ќе се дистрибуира во бугарските амбасади во странство и европските институции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.