Задолжителниот „Covid pass“ за влез во сите објекти во внатрешноста на Грција, како и европскиот сертификат за патување во земјата, од денеска се укинуваат, согласно официјалните најави од Министерството за здравство на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на правилата што од денеска важат во внатрешноста на земјата, конкретната министерска одлука веќе е објавена во Службен весник на Грција, додека пак другата, што се однесува на граничните премини, сè уште не е објавена, иако претходната беше во сила до шест часот утрово.

Од Министерството за здравство, како што веќе објави МИА, во четвртокот соопштија дека надлежната Комисија на епидемиолози препорачала „суспензија на Covid pass од 1 мај и враќање на исполнетоста на објектите на 100 отсто од капацитетот, суспензија на сертификатот од EUDCC на влезните точки во земјата“, препораките прифатени од Владата и додадоа дека деталите ќе бидат разјаснети во новата министерска одлука што ќе биде објавена во Службен весник на Грција.

Последната министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на КОВИД-19“ од 18 април, беше во сила до денеска во шест часот наутро.

Во однос на летовите од и кон Грција, од Агенцијата за цивилно воздухопловство на соопштија дека од денеска „се укинати здравствените ограничувања за Ковид-19 за домашни и меѓународни летови“.

-Конкретно, од денеска за сите домашни и меѓународни авионски патувања (пристигнувања/полетувања) единствена обврска на патниците и вработените е дека во просторите за пристигнување и чекање на аеродромите, како и за време на летовите, задолжително е персоналот и патниците да носат заштитна маска, соопштија од Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција.

Маската и понатаму останува задолжителна за сите затворени простори во Грција најмалку до крајот на месецов.

Со новите одлуки, во пракса значи дека од денеска во Грција се укинуваат сите Ковид рестрикции, со исклучок на маската.

Согласни објавената одлука за мерките во внатрешноста на земјата, повеќе нема да биде потребно да се покажува сертификат за вакцинација, прележан Ковид или негативен тест за влез во затворените и дел од отворените објекти и повеќе нема да постојат никакви рестрикции за невакцинираните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.