Граѓаните и еколошките активисти, кои се против проектот „Рио Тинто“ во Србија, денеска одржаа протест пред Владата, на покана на движењето „Еколошко востание“, кое порача дека протестот ќе се радикализира по Божиќ, доколку „Рио Тинто“ не биде протеран од земјата.

На протестот немаше инциденти, а по еден час, колку што траеше митингот, беше воспоставен сообраќај на „Немањина“ и улицата „Кнез Милош“.

Александар Јовановиќ Ќута од „Еколошко востание“ изјави дека претседателот на Србија Александар Вучиќ има „рок до Божиќ“ да го „избрка“ Рио Тинто од Србија или, како што рече, ќе следи „општа мобилизација“ и радикализација на протестите.

Тој го пренесе и барањето да се прекинат судските постапки против граѓаните кои беа на блокадите претходната сабота и, како што вели, да се судат оние кои со шипки беа на блокадите.

Проректорот на Универзитетот во Белград и декан на Шумарскиот факултет, Ратко Ристиќ изјави дека дел од Просторниот план на градот Лозница е поништен, но дека српската влада треба да го поништи указот за донесување на Просторниот план на подрачјето за посебна намена и локациски услови, кои се, како вели, полседни чекори пред носење градежни дозволи за формирање на рудници.

Ристиќ, исто така, тврди дека не е точно дека ништо не е решено за случајот со Рио Тинто, бидејќи, како што вели, Владата на Србија формира работна група за реализација на проектот „Јадар“, на чело со министерката Зорана Михајловиќ.

Актерката Светлана Бојковиќ, која беше меѓу насобраните, порача дека протестите мора да продолжат бидејќи, како што вели, во прашање е нашиот опстанок, живот и здравје и дека „не смее да се допираат водата, воздухот и земјата“.

На протестот се приклучи и претседателот на партијата Заедно за Србија, Небојша Зеленовиќ, кој заедно со „Еколошко востание“ ќе учествува на изборите на 3 април следната година во рамките на Зелено-левата колона.

Некои од паролите кои насобраните ги држеа беа „Стоп за инвеститорите, да ја спасиме природата“, „Вистина, зборувај државо“, „Синдикатите на блокади“ …

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.