Предусловите за патување во Грција се продолжени за уште една седмица, а единствената промена се однесува на оние кои прележале Ковид-19 и потврдата повеќе не важи од 30 до 180 дена туку од 30 до 90 дена по првиот позитивен тест, согласно новата министерска одлука што утрово стапи во сила, а се однесува и на државјаните на Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

За вакцинираните и невакцинираните, правилата остануваа исти и непроменети, за првите потребен е сертификат за вакцинација, а за вторите негативен ПЦР или рапид тест како и тестирање при влезот во Грција, а за сите, за патување кај јужниот сосед, задолжителен е и PLF формуларот.

Грчката Влада донесе промени и го скрати времетраењето на потврдата за прележан Ковид-19 од шест на три месеци, одлука која се одразува и важи и за туристите, како што вчера објави МИА, по објаснувањето од владиниот портпарол Јанис Иконому.

Иконому објасни дека за потврдите се дава временски период до крајот на јануари, нешто што е вклучено и во министерската одлука, односно „остануваат во сила потврдите издадени од 15 јули 2021 година до 31 октомври 2021 година додека важи оваа заедничка министерска одлука“.

Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“, веќе е објавена во Службен весник на Грција стапи во сила утрово и важи до следниот петок 17 декември 2021 година во шест часот наутро, а МИА детално ги пренесува сите правила за патување кај јужниот сосед.

Сите посетители „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ имаат четири опции, во однос на документите што треба да ги приложат и се поврзани со Ковид-19, а нема промени ни во однос на граничните премини и како и досега, за влез од Македонија, отворени се сите и работата 24 часа.

Првата опција се однесува на вакцинираните за кои потребно е да имаат сертификат за вакцинација и да се поминати 14 дена од примената втора доза. Сертификатот за вакцинација може да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.

Втората можност е со негативен тест: или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно. И за двете опции, тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.

За оние кои патуваат со негативен тест „независно од државјанството и начинот на влез во земјата, а во Грција пристигнуваат од: Египет, Албанија, Аргентина, Македонија, Бугарија, Бразил, Грузија, Куба, Обединетите Арапски Емирати, Индија, Кина, Либија, Мароко, Пакистан, Русија и Турција“, предуслов за влез е да добијат негативен резултат од задолжителното тестирање со ПЦР/ рапид тест на влезните точки во Грција.

Задолжителното тестирање не важи за патниците кои имаат валиден сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од втората доза или потврда за прележана болест во изминатите шест месеци.

Третата опција се однесува на оние кои прележале Ковид-19 и во овој дел се новите промени од денеска.

Потврдата за прележана болест е по лабораториско тестирање со ПЦР или антигенски (брз) тест, а се издава 30 дена по првиот позитивен резултат и неговата важност е до 90 дена подоцна. Во периодот додека е во сила конкретната министерска одлука, валидни се и сите потврди издадени од 15 јули 2021 година до 31 октомври 2021 година.

Европскиот дигитален Ковид сертификат е четвртата алтернативна можност за влез во Грција.

Конкретните обврски за патување важат за лица со наполнети 12 години.

Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), што треба да биде пополнет преку интернет страницата  https://travel.gov.gr, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.

Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.

Тестирањата, за вакцинираните и за оние кои прележале Ковид-19 се по случаен избор, а за оние кои патуваат со негативен тест, тестирањето е задолжително.

Во случај на позитивен резултат, предвиден е десетдневен карантин во соодветен простор укажан од надлежните органи, а доколку се работи за лица кои 14 дена претходно ја завршиле вакцинацијата, тогаш задолжителната изолација е седум дена.

На последниот ден од карантинот, оние кои биле позитивни, без разлика дали се вакцинирани или не, потребно е да направат ПЦР тест.

Лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи, односно блиските контакти на оние кои се позитивни на Ковид-19, имаат можност да се вратат во нивната земја истиот или следниот ден, под услов да добијат два негативни резултати од два теста (ПЦР или рапид) направени во рок од 24 часа и за време на патувањето да носат N95 маска.

Во случај лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи да останат во земјата, а не се вакцинирани или немаат прележано Ковид-19 во изминатите три месеци, тогаш треба да бидат во 14-дневна изолација по последниот контакт со позитивното лице, без да се тестираат или седум дена карантин и на седмиот ден да направат ПЦР тест.

Доколку блиските контакти се вакцинирани или прележале Ковид-19 во последните три месеци, тогаш не е потребен карантин, но задолжително се тестираат со ПЦР тест при влезот во земјата.

За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.

За влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини кои работат 24 часа, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот, а од Турција преку Кастањес и Кипи, дозволен е влез на 1.500 лица седмично.

Од Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос на бројот на посетители или во однос на работното време.

Во одлуката, како што пренесува МИА, посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција, мора да ги почитуваат мерките што важат во внатрешноста на земјата.

Документот за Ковид-19, односно сертификат за вакцинација или потврда за прележана болест или негативен ПЦР/рапид тест, задолжителни се и за влез во затворените објекти во Грција, со исклучок на супермаркетите, продавниците за храна, бензинските пумпи и аптеките со оглед на тоа дека мерките во земјата, како за грчките граѓани, важат и за туристите.

Во одредени простори во земјата, влезот е целосно забранет за невакцинираните лица.

Од понеделни, во Грција стапуваат во сила нови мерки, а се однесуваат на оние над 60 години кои не примиле трета доза, а се поминати седум месеци од вакцинацијата.

Нивниот сертификат повеќе нема да биде валиден, нема да можат да влегуваат во затворените простори и нема да ги имаат привилегиите што ги имаат вакцинираните.

Како што вчера објасни портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, оваа мерка, важи и за туристите и посетителите на земјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.