Поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов вечерва е приведен од полицијата во рамките на заедничка акција на европското обвинителство и националната полиција, објавија бугарските медиуми.
Според 24 часа вечерва полицијата влегла во домот на Борисов, а објаснувањето било дека спроведува „итна проверка”. Информацијата според медиумот била потврдена и од партијата на Борисов, ГЕРБ.

Исто така, приведени биле и министерот за финансии во владата на Борисов, Владислав Горанов, поранешната шефица на Комисијата за буџет во бугарскиот Парламент, Менда Стојанова и портпаролката на Борисов, Севдалина Арнаудова.

Весникот „Сега” објавува дека полицијата има право да задржи некого 24 часа, а за подолго треба да одлучи Обвинителството. Ако покрене обвинение , притворот може да се продолжи на 72 часа, по што ако лицата бидат обвинети можат да бидат задржани во притвор само со судска одлука.

Бугарскиот премиер Кирил Петков на Фејсбук напиша: „Никој не е над законот”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.