Две лица загинаа како резултат на „медитеранскиот ураган“, многу редок вид на бура што денеска ја погоди и централна Грција, поплавувајќи улици и домови, соопштија властите.

Невремето, наречено „Јанос“ вчера корнеше дрвја и предизвика прекини на електричната енергија на Јонските острови и западниот Пелопонез. Потоа се прошири во централна Грција, погодувајќи претежно области околу градовите Кардица и Фарсала.

Пожарникарите соопштија дека пронашле тело на постара жена во поплавена куќа во близина на Фарсала.

Властите трагаат по уште две лица кои се наведени како исчезнати, соопшти полицијата. Претставник на противпожарната бригада подоцна објави дека 63-годишен маж е пронајден мртов во близина на болницата во Кардица. Сè уште не е познато дали тој е едно од двете исчезнати лица.

Откако невремето ја погоди Грција, противпожарната служба доби повеќе од 2.450 повици за помош.

Електричната мрежа едвај функционира, а властите се обидуваат повторно да ја пуштат струјата во Кардица и на Јонските острови. Крајбрежната стража извести дека вчера пет бродови потонале.

Обилните дождови го претворија градот Кардитса, кој се наоѓа во една од најголемите грчки рамнини, во езеро, како што се гледа на снимките. Таму се сруши мост.

„Овде е целосна катастрофа“, изјави за државната телевизија Николаос Гусиос, жител на Фарсала. Железничките врски помеѓу Атина и Солун се прекинати.

Невремето денеска го зафати и поширокото подрачје околу Атина, но засега нема извештаи за штети.

Бури како Јанос за прв пат се регистрирани во Грција во 1995 година, но се почести во последните неколку години. Слично невреме ја погоди земјата во 2018 година.

Во 2017 година, во поплавите загинаа 25 лица, а стотици останаа без домови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.