Претседателот на австрискиот парламент, Норберт Хофер, смета дека меѓународниот притисок врз Србија во однос на конфликтот во Украина е целосно неоправдан и погрешен. Хофер во интервју за „Танјуг“ посочува дека на светот му требаат неутрални земји и дека самата Австрија мора подобро да ја заштити својата неутралност и да инвестира во одбраната на таа неутралност.

Хофер го коментира тоа што Србија го осуди рускиот напад врз Украина, гласаше за Резолуцијата на ОН, но не ги поддржа санкциите на Европската Унија против Москва, поради што српското раководство е изложено на голем меѓународен притисок, а ЕК дури и се заканува дека ќе го суспендира патот на Србија кон ЕУ.

Тој притисок го создаде Германија, која вели дека Србија сега мора да знае каде припаѓа. Мислам дека ЕУ мора да разбере дека на Србија треба и да овозможи брз пристап во Унијата токму сега. Србија е кандидат веќе десет години, таа има преземени многу чекори на патот. Унијата мора да препознае дека сега е време да и обезбеди пристап – вели Хофер.

На прашањето дали очекува ЕУ дополнително да го забави пристапниот процес на Балканот, особено на Србија, Хофер посочува дека заканите што доаѓаат од германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, претставуваат „истрел во своето колено“, што и штетат на самата Унија.

Сега мораме да го забрзаме и да го завршиме овој процес, кој трае со години. Тоа би бил паметен чекор, а не она што го прави некој кој е на должност само неколку месеци, а веќе се заканува – вели Хофер.

Тој верува дека Австрија ќе продолжи да ја поддржува европската интеграција на Србија.

Не можам да зборувам во име на цела Австрија. Вие го знаете мојот став и ставот на Партијата на слободата (ФПО). Но, верувам дека и другите партии во Австрија се заинтересирани за брз пристап на Србија во Унијата, како поради заедничката историја, така и поради страдањето. Австрија мора да биде партнер на Србија – вели Хофер.

На прашањето колку војната во Украина и нејзините последици се закануваат на Европа и на светот и како се одразува на Австрија, Хофер вели дека последиците од тој конфликт се огромни, а веќе е јасно кои се трошоците – цените на енергијата растат, многумина се загрижени за испорака на гас…

Во војна секогаш губат сите страни. Нема вистински победници. Верувам дека ќе се постигне договор за мировен процес и дека ќе се извлечат поуки од ова искуство – вели Хофер.

На констатацијата дека Европа не е единствена во ставот за интензитетот на санкциите против Русија и дека нема договор во самата Австрија, Хофер вели дека има земји кои се повеќе зависни од рускиот гас во однос на другите. Тој посочува дека има илјадници работни места во Австрија кои се загрозени поради санкциите, дека последиците ќе бидат зголемување на цените на прехранбените производи, гасот, горивото, струјата, а нагласува и дека во случајот со Австрија тука е и прашање за неутралноста.

Како такви, мора да ни биде важно да можеме да се понудиме како неутрално место за преговори. Сега не сме тоа. Според добрата традиција на поранешниот канцелар Бруно Крeјски, кој беше голем државник, ние отсекогаш сме биле место каде што страните во некој конфликт можеле да преговараат – истакнува Хофер.

Тој исто така оценува дека неутралноста на Австрија има голема вредност, потсетувајќи дека неговиот татко бил на австриско-унгарската граница во 1956 година, кога Австрија им помагала на бегалците кои доаѓале, но дека ставовите на државата биле такви што Австрија можела да остане неутрална земја и место за преговори.

Според него, кога станува збор за реториката, Австрија изгубила дел од својата неутралност, иако сите знаеле дека со влезот во ЕУ, официјална Виена не може целосно да ги ужива сите придобивки од неутралноста.

Тоа ме загрижува, бидејќи мислам дека на светот му требаат неутрални земји, каде што е можно кој било да се состане и да преговара – додава тој.

На прашањето за позицијата на неутралните земји во Европа денес, тој вели дека тие се на крстопат, при што треба да одлучат дали ќе влезат во НАТО или не.

Тој смета дека Австрија не треба да влезе во НАТО, туку дека мора подобро да ја заштити својата неутралност – да инвестира во армијата, која не е во добра форма, бидејќи кој сака да биде неутрален, мора да инвестира и во одбрана на таа неутралност.

Хофер, исто така, вели дека неутралната држава мора да се однесува така што неутралноста се препознава и мора да знае дека излез од конфликтот може да се најде само ако сите страни можат да го зачуваат својот углед, што не значи дека работите што треба да се осудат не треба да бидат осудени, но дека треба да се размислува чекор понатаму.

Прашан дали меѓународното право сè уште важи или веќе долго време на сила е „правото на посилниот“, Хофер истакнува дека правото на посилниот отсекогаш постоело и ќе постои, во рамките на постоечките правни системи, но и дека постојат реални влијанија во светот.

И во меѓународното право мора да се признае колку е силна Кина, колку е голема Русија, какво влијание имаат САД и колку Европа е понекогаш беспомошна. Мора да се погрижиме да се почитуваат правните системи за да ги заштитиме најмалите – вели Хофер и додава дека кризата предизвикана од пандемијата на корона вирус покажала и дека лесно се откажуваме од нашите права.

Во однос на тоа што оо воената операција на Русија, Украина побара брзо пристапување во Европската Унија, Хофер вели дека иако ги разбира таквите барања, смета дека ништо не треба да се одлучи сега, бидејќи најпрво се потребни мировни преговори, кои мора да се водат без услови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.